Д-ДИМЕРИ

 

Зошто се користи тестот за Д-димери?

Тестот за Д-димери се користи за утврдување на присуството на Д-димери во крвта. Д-димерот е протеински фрагмент којшто се создава кога настанува разградување на коагулуми во крвта.

Коагулацијата на крвта е многу важен процес којшто нѐ штити од губењето крв кога сме повредени. Во нормални услови, телото ги разградува коагулумите кога повредата е излечена. При нарушувања во крвната коагулација, коагулумите можат да се создадат кога нема видлива повреда или да не се разградат кога би требало.Овие состојби можат да бидат многу сериозни, дури и животозагрозувачки. Со тестирањето за Д-димерите може да се види дали имате некоја од овие состојби.

За што се користи одредувањето на Д-димерите?

Овој тест се користи најчесто за да се види дали има некакво нарушување во коагулацијата на крвта. Овие нарушувања можат да бидат:

‒     Длабока венска тромбоза, состојба кога коагулумот е во вената. Овие состојби најчесто се јавуваат во вените во потколениците, но можат да се јават и во други делови на телото.

‒     Белодробна емболија, всушност е блокада во артериите на белите дробови. Тоа најчесто настанува кога коагулум настанат во друг дел на телото ќе дојде до белите дробови. Најчест причинител за тоа е венската тромбоза.

‒     Мозочен удар, кога коагулум или дел од него ќе се најде во крвните садови на мозокот.

Зошто се прави тестот за Д-димери?

Овој тест се прави доколку имате некој симптом на нарушена коагулација, како длабока венска тромбоза или белодробна емболија.

Симптоми на венска тромбоза се:

‒     Болка или трпнење на ногата;

‒     Оток на ногата;

‒     Црвенило или црвени дамки на нозете.

Симптоми на белодробна емболија:

‒     Проблеми со дишењето;

‒     Кашлица;

‒     Болка во градите;

‒     Забрзано срцебиење.

Дали треба претходна подготовка за тестот?

Нема потреба од претходна подготовка за тестот.

Референтни вредности

Возрасен:  < 0,5 mg/L или µg/mL

Прво тримесечје:  0,05 - 0,95 mg/L или µg/mL

Второ тримесечје:  0,32 - 1,29 mg/L или µg/mL

Трето тримесечје:  0,13 -1,7 mg/L или µg/mL 

Што покажуваат резултатите?

Доколку резултатите се ниски или нормални, тоа значи дека најверојатно немате проблем со нарушување во коагулацијата.

Доколку резултатите покажуваат вредности коишто се повисоки од нормалните, може да значи дека имате некакво нарушување со коагулацијата. Но, со овој тест не може да се лоцира кој тип нарушување имате.

Исто така, зголемените нивоа на Д-димери не мора секогаш да бидат поврзани со проблеми со коагулација. Други состојби при кои може да се јават покачени вредности на Д-димери можат да бидат бременост или скорешно породување, болести на срцето, скорешна интервенција (операција) или поголема повреда (скршување нога), неможност за движење подолго време (патување со авион или автомобил на подолги релации, неможност за движење поради престој во болница), Антифосфолипиден синдром, наследни нарушувања на коагулацијата.

За да се утврди причината за покачувањето на Д-димерите, потребно е да се направат и други испитувања, како на пр.: крвна слика со број на тромбоцити, протромбинско време, фибриноген, како и други медицински испитувања.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk