array(1) { ["url"]=> string(42) "tabs/view/da6652939adde8d18892fd758b0661a2" }

Тироидна жлезда и тироидни хормони

Тироидната жлезда е жлезда со внатрешно лачење (ендокрина) која се наоѓа во предниот дел на вратот и е сместена под тироидната 'рскавица позната и како Адамово јаболко.Оваа жлезда има форма на пеперутка или штит па оттаму е наречена и штитна жлезда. Функцијата на тироидната жлезда е да учествува во регулаторните процеси преку продукција на тироидни хормони, главно тироксин или Т4 и тријодтиронин или Т3. За нормална синтеза на тироидните хормони неопходно е во организмот да има доволна количина на јод, која се прима главно преку храната (солта) и водата. Тироидните клетки се единствените клетки во телото кои можат да апсорбираат јод.

Тироксинот го има во организмот многу повеќе, а во многу мала количина има тријодтиронин, но сепак истиот има поинтензивно дејство. Од продукцијата на овие хормони 80% припаѓа на тироксинот, а само 20% на тријодтиронинот. Освен Т3 и Т4 од оваа жлезда се излачува и тиреокалцитонин кој го регулира метаболизмот на калциумот и фосфорот во организмот и со тоа делува и врз калцификација на коските и забите. Повеќето од тироидните хормони што циркулираат во крвта се врзани за транспортни протеини. Само мала фракција на циркулирачките хормони е слободна (неврзана) и биолошки активна, па оттука и мерење на концентрациите на слободните фракции на тироидните хормони е од голема дијагностичка вредност. Кога тироидниот хормон е врзан тој не е активен така да слободните форми на Т3 и Т4 (fT3 и fT4) се многу важни.

Работата на тироидната жлезда е регулирана преку оската хипоталамус-хипофиза-тироидна жлезда по пат на повратна врска која е регулирана од количините на тироидните хормони.

Од аденохипофизата се излачува  и тиреостимулирачки хормон или ТSH, чија што секреција е стимулирана при намалено ниво на тироидни хормони и обратно.

ФУНКЦИЈА НА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА:

Секоја клетка во телото зависи од тироидните хормони за регулација на нивниот метаболизам. Овие хормони во организмот ги имаат  своите регулирачки дејства кои се манифистираат главно преку овие три процеси:

  • Ги регулираат оксидативните процеси;
  • Влијаат врз растот и развојот на организмот;
  • Влијаат врз функцијата на нервното ткиво во организмот.

Како и да е овие хормони дејствуваат во насока на зголемување на базалната метаболичка стапка, влијаат на протеинската синтеза, во регулирање на раст на долги коски (во содејство со хормонот на раст), во регулација на телесната температура и осетливост на организмот кон други хормони. Овие хормони исто така влијаат на протеинскиот, масниот и јаглехидратниот метаболизам, па дури и на витаминскиот метаболизам.

БОЛЕСТИ НА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА:

Хипертироидизмот и хипотироидизмот (зголемена и намалена функција на тироидната жлезда) во организмот се манифестираат преку одредени физиолошки промени и се најчестите  болести на тироидната жлезда. Како најчести причини за тироидните болести се јодниот дефицит и автоимуните тироидни заболувања. Последните заболувања можат да бидат идентификувани преку детектирање на антитела во крвта.

Следењето на  функцијата на тироидната жлезда, односно тироидните хормони е од големо клиничко значење. Ова вклучува редовни контроли кои покрај посета на доктор вклучуваат и лабораториски анализи. Во нашата лабораторија се изведуваат тестови со најсовремена апаратура, користејќи прецизни методи (MEIA, FPIA, ELISA).

Фросина Дојчиноска, дипл. инж. по биологија


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk