HELICOBACTER PYLORI – бактерија во желудникот

  1. Што е Helicobacter pylori?

Helicobacter pylori е бактерија со спирална форма која живее во желудникот и дуоденумот.

Секојдневно во желудникот се излачува одредена количина на желудочен сок. Желудочниот сок содржи дигестивни ензими и концентрирана хлороводородна киселина и на тој начин ја разградува консумираната храна и микроорганизмите кои се внесуваат преку исхраната. Заради високата киселост, до неодамна се сметало дека желудникот е стерилен и не содржи бактерии, но Helicobacter pylori дефинитивно го смени ова мислење. Имено, желудникот е заштитен од сопствениот желудочен сок со тенок слој на мукоза, кој ја обложува неговата внатрешна површина. Helicobacter pylori има моќ да ја надмине оваа заштита, со тоа што живее во самиот мукозен слој. Кога Helicobacter pylori еднаш ќе се смести во мукозниот слој има способност да се бори против желудочните киселини со помош на ензимот уреаза кој го поседува, претварајќи ја уреата во бикарбонати и амонијак, кои се јаки бази и ја неутрализираат желудочната киселина. На тој начин се создава заштитен слој околу самата бактерија, штитејќи ја од киселата средина во желудникот. Имуниот систем реагира на инфекцијата со Helicobacter pylori  создавајќи соодветни антитела, во почетокот IgA, а потоа IgG. Tие сепак тешко допираат до бактеријата бидејќи не можат да се пробијат низ мукозниот слој. Како последица на инфекцијата со Helicobacter pylori се јавува гастритис, чир на желудникот или на дуоденумот, а во најлош случај и карцином на желудникот.

Како се пренесува бактеријата?

Бактеријата се пренесува орално, преку фекални остатоци кои може да се внесат преку храната (недоволно измиени салати и друг вид на зеленчук или овошје). Особено, во овој период од годината, кога  консумацијата на свежо овошје и зеленчук е зголемена, ризикот за пренесување на H. pylori е уште поголем. Исто така при подждригнување бактеријата може да се пренесе од желудникот во устата и на тој начин може да се пренесе директно преку орален контакт. Процентот на инфекција со Helicobacter pylori  корелира со социјално-економските услови на луѓето и е многу поголем во земјите во развој, отколку во високо развиените земји.

Симптоми при инфекција со Helicobacter pylori

Најчестите симптоми кои укажуваат на инфекција со Helicobacter pylori се:

  • подждригнување;
  • чувство на надуеност;
  • болки во желудникот.

Како да проверите дали имате Helicobacter pylori?

Во нашите лаборатории се работат два вида на тестови за откривање на бактеријата:

  1. Крвни анализи. Ова е најчесто користен метод за одредување на антителата на Helicobacter pylori (IgA и IgG) со кој може да се процени дали се работи за свежа, неодамнешна инфекција со бактеријата (IgA), или пак инфекцијата е добиена во минатото (IgG). Исто така титарот на IgG антителата е особено важен за следење на инфекцијата после примање на терапија.  
  2. Анализа на фецес (столица). Овие тестови се прават за да се открие присуството на самата бактерија  во столицата или да се одреди дали третманот на инфекцијата со Helicobacter pylori бил успешен.

м-р Васе Калајџиска


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk