Ракот на дојката е еден од најчестите карциноми кај женската популација. Причините за неговото настанување не се познати. Некои жени имаат генетски предуслови.
Со раното откривање и дијагностицирање на ракот на дојката, се зголемува успешноста во лекувањето, а со тоа се намалува смртноста.
Треба да се зголеми свеста кај жените над 40-годишна возраст, еднаш месечно да направат визуелен самопреглед и проверка преку допир на дојките пред огледало и во легната положба (палпација).
Најдобро е ваков преглед да се направи 5 до 10 дена по започнувањето на менструалното крварење.
При ваков преглед треба внимателно да се анализира дали ќе се најдат и најмали промени на дојките:
Ако се забележат и најмали промени на обликот, конзистенцијата, бојата, температурата или некои други абнормалности на кожата или брадавиците на дојките, треба да се посети лекар за контролен преглед. Ако постои сомнеж за рак на дојката, лекарот ќе ве упати да направите повеќе дијагностички испитувања. Треба да направите ЕХО-преглед, мамографија, ако има сомнителен јазол се прави цитолошка пункција, инцизиска биопсија со патохистолошко испитување. Се прави рентген за да се види дали туморот се проширил во другите органи.
Треба да се направат лабораториски анализи на крвната слика и на туморските маркери.
Туморските маркери се протеини коишто ги произведуваат канцерогените клетки, а во пониски концентрации можат да бидат присутни и во здрави организми. Туморските маркери се мерат преку крвта, а од добиените резултати добиваме информации за текот на болеста и за успешноста во лекувањето.
Туморски маркер специфичен за дојката е СА 15-3, но потребно е да се изработат и туморските маркери СЕА и СА-125 .
Ако вредноста на туморскиот маркер ненадејно се зголеми, тоа значи дека моменталното лекување не покажува резултати и треба да се смени. Зголемувањето на нивото на туморскиот маркер покажува активирање на болеста којашто била во мирување (ремисија), настанало размножување на туморските клетки (пролиферација) и проширување (метастазирање) во другите органи.
Ако нивото на туморскиот маркер се намали, тоа е добар прогностички знак којшто укажува на позитивен одговор од терапијата.
Туморските маркери треба периодично да се мерат, и тоа пред, за време и по примањето на терапијата.
Вредностите на туморските маркери се многу важни за следење на дадената терапија, но треба да се земат предвид и физикалниот преглед, дијагностичкото снимање, мамографијата и други дијагностички методи.
Раната дијагностика и современото лекување на ракот на дојката го намалуваат ризикот за смртност до 35 %.
Колку порано се открие болеста, толку се поголеми шансите за поуспешно лекување.
Треба да се подигне свеста на жените преку едукација за рано откривање на ракот на дојката и негова превенција.
Како превентивни мерки се препорачуваат: одржувањето оптимална телесна тежина, здрава исхрана со витамини, зеленчук и овошје, редовни секојдневни вежби и прошетки во природа, како и да се исфрли консумирањето алкохол и цигари.
д-р Миланка Пајковска,
спец. по медицинска биохемија
ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ
тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55
моб.: 071/ 30 60 19
е-пошта: lab@farmahem.com.mk