Имуноглобулини и нивното учество во одбрана на организмот

Човечкиот организам во контакт со надворешни патогени агенси  (бактерии, вируси, паразити и др.) има способност да активира механизам на одбрана од страна на имунолошкиот систем којшто продуцира имуноглобулини за да се спречи инфекција или да се отстранат постоечките инфекции. 

Имуноглобулините се гликопротеини произведени од белите крвни клетки леукоцити. Имаат улога во имунолошкиот одговор. Во човечкиот организам се изолирани пет класи имуноглобулини и тоа:  IgG, IgM, IgA, IgD и IgE, коишто се произведени од плазма-клетките на имунолошкиот систем како одговор на антигенска иритација. Имуноглобулините ги уништуваат надворешните агенси преку механизмите на  неутрализација, опсонизација и активирање комплемент.

Имуноглобулинот IgG се создава како секундарен имунолошки одговор по првиот контакт со антигенот, кога титарот на IgM почнува да опаѓа. При повторен контакт со антигенот почнува да се произведува како секундарен подоцен одговор и претставува антитело одговорно за подоцен серумски имунитет. Неговата застапеност е најголема, со 75 % од сите имуноглобулини во крвната плазма. Има својство да ја помине плацентната бариера и со тоа се обезбедува пасивен имунитет кај бебињата, кај бремените жени во последните три месеци, а доенчињата преку мајчиното млеко добиваат готови антитела.

Нивото на имуноглобулините IgG може да има висока вредност кај автоимуни системски болести како што се: системскиот лупус еритематозус (SLE), ревматоидниот артритис (RA), Сјогреновиот синдром, саркоидозата, цистичната фиброза и др. Покачени вредности има кај хроничното заболување на црниот дроб, кај хроничните инфекции и др. Ниски вредности на IgG може да се јават кај  леукемиите, нефротскиот синдром, ентеропатиите и др.

Имуноглобулинот IgM се наоѓа интраваскуларно и прв реагира на инфекција, како прв имунолошки одговор во акутна фаза. Зголеменото ниво на IgM во крвта значи дека организмот е изложен на нова инфекција.

Има лица со имунолошко нарушување кои имаат дефицит на IgM, а се со нормални вредности кај останатите имуноглобулини. Кај овие лица се јавуваат тешкотии во борбата против инфекциите.

Имуноглобулинот А се создава во субмукозата на респираторниот и интестиналниот тракт. Има улога да го штити респираторниот и интестиналниот тракт од вирусни инфекции. Не ја поминува плацентната бариера.

Имуноглобулинот IgЕ е најмалку  присутен во крвната плазма, помалку од 0,01 % од сите имуноглобулини. Има краток век на траење, но претставува антитело со најсилен ефект на делување. IgE се синтетизира во плазма-клетките во субмукозата на респираторните и итнтестиналните органи, во лимфоидното ткиво на носот и грлото. При контакт со алергенот настанува имунолошки одговор со производство на IgE-антитела , се ослободуваат внатрешни медијатори и се појавуваат симптоми на алергија, со покачена телесна температура, алергиски конјунктивитис, астма, егзема, уртикарија, алергиски шок и др.

Имуноглобулинот IgD е застапен со 0,25 % од сите имуноглобулини во крвната плазма, а е закачен во мембраните на B-лимфоцитите. Не се врзува со комплементот и не ја поминува плацентната бариера. Ги активира B-клетките и ги подготвува за борба против патолошкиот агенс. Учествува во имунолошката одбрана на горнореспираторниот тракт. Полуживотот на секреторниот IgD е 2‒3 дена. Нивото на IgD се покачува при напади на треска, артралгија, кожни лезии, улцерации на устата, дијареа и др.

Концентрацијата на сите имуноглобулини расте како одговор на инфекција. При хронични и автоимуни болести расте концентрацијата на  имуноглобулините IgG. При акутни вирусни инфекции, хепатитис, билијарна цироза и паразитоза, расте концентрацијата на имуноглобулините IgM. При болести на белите дробови, туберкулоза, болести на интестиналниот тракт, цироза на црниот дроб, расте концентрацијата на имуноглобулините IgA.

Причинители на намалениот имунитетот се: неквалитетен животен стил, лош сон, лоша исхрана, стрес, недоволна физичка активност, емоционална нестабилност и др.

Фактори коишто го подобруваат имунитетот се: редовен и добар сон којшто треба да трае околу 7 часа, избегнување никотин и алкохол, прошетки во природа на чист воздух, изложеност на сончеви зраци, секојдневна физичка активност, консумирање свежа исхрана со многу зеленчук и овошје, јаткасти плодови коишто се богати со витамини и минерали, земање пробиотици, постојано дружење со пријатели и искажување позитивни емоции. Со подобрување на квалитетот на животниот стил, го подобруваме имунитетот, а со тоа го заштитуваме нашиот организам од болести.

Во лабораториите на Дијагностика Фармахем можете да ги контролирате вредностите на имуноглобулините IgG, IgA, IgM и IgE во вашата крв.

д-р Миланка Пајковска, спец. по медицинска биохемија

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


 


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk